Кризата предизвиканата од КОВИД-19 ја зголеми цената на пченицата која претходно се движеше од 11 до 13 денари за килограм, а сега е меѓу 14 и 15 денари со тенденција и натаму да бележи раст. Но, ова не се случува само кај нас, туку е тренд секаде во светот.
Ќе јадеме ли поскап леб? Ќе купуваме ли поскапа храна? Овие прашање се наметнуваат зашто и по 10 изминати месеци ништо не е извесно – до кога ќе трае околу пандемијата и колку „разорно“ ќе влијае врз стопанството, објави МИА.
Малничарите велат дека досега поскапувања на лебот и пецивата немаше, но како ќе биде понатаму, дали ќе има евентуално некакви промени, не може да се каже со сигурост.
-Со оглед дека генерално целата ситуација со КОВИД-от е неизвесна, не се исклучува ништо, се е можно, па и промена на цените. Многу ќе зависи какви ќе бидат увозните цени, понудите, вели за МИА претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора на Македонија, Горан Малишиќ.
Според него, поскапувањето на пченицата трае во континуитет веќе неколку месеци зашто побарувачката поради корона кризата е зголемена.
-Земјите во светот почнаа да си ги зголемуваат залихите на пченица, а Русија стави и данок на извоз на пченицата. Сите стравуваат дали ќе имаат доволно храна. Цената засега е стабилна. Ако сега увезуваме од Србија, пченицата чини околу 13,5 денари за килограм, со вкупни трошоци. Пред два месеца беше 12 денари, потоа се зголеми на 14,5 денари кога всушност беше и пикот, а сега е повторно намалена за денар, вели Малишиќ.
Извор: МИА