Кампањата за претстојните парламентарни избори веќе е во полн ек, пред започнувањето на официјалната кампања в среда. Предизборните препукувања ги подгреа инцидентот кога експлозивна направа беше фрлена врз продавница во скопската населба Ѓорче Петров, во сопственост на семејството на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, што повлече меѓусебни обвинувања помеѓу опозициската партија и владејачката СДСМ.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев на терен промовираше инфраструктурни проекти, ДУИ продолжи со темата за премиер Албанец, а на терен беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја повторно власта за лошо менаџирање на КОВИД кризата.
Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за Радио Слободна Европа, во врска подгревањето на националистичките тензии во предизборието, нагласи оти смета дека национализмот не игра битна или доминанта улога пред избори, ниту има пресудно значање за тоа кој ќе биде изборен победник.
– Ваквите одредени изблици на национализам мене ми се чини дека се свесно медиумски насочени за да постигнат ефекти кај таргетиран дел од популацијата, вели претседателот на државата, истакнувајќи дека национализмот го поттикнуваат политичките партии кои учествуваат на изборите и сакаат да направат резултат и сметаат дека нивниот партиски електорат сака тоа да го чуе.
Во врска со инцидентот со семејната продавница на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мисајловски, Мицкоски вчера на новинарско прашање рече дека разговарал со Мисајловски за фрлената експлозивна направа и ги знае деталите.
– Индициите се дека ги знаеме сторителите, врз основа на информациите кои ги добив, патувајќи кон Куманово. Има индиции за сторителите на ова дело, го охрабрувам МВР, СВР Скопје, надлежните, што побрзо да го расветлат ова недело. Јас сум свесен за стравот којшто определени структури политички, политичари го чувствуваат поради дебаклот којшто ќе им се случи на 15 јули и ги повикувам да не конструираат вакви сценарија, бидејќи и после 15 јули треба да има живот во нашата држава, рече Мицкоски.
Мицкоски, одговарајќи исто така на новинарско прашање за време на посетата на Куманово, за условите што вчера ги упати ДУИ за премиер Албанец и за прифаќање на бугарските барања, рече дека ДУИ таквиот тип барања можат да ги задржат само во сопствените редови за храбрење на нивното членство.
– ДУИ изгледа се чувствува прекомфорно и комотна во ова тригодишната коалиција со СДСМ и мисли дека начинот на којшто функционира со СДСМ, така и со сите останати политички партии. Она што сакам да им го порачам и на нив од Куманово е да внимаваат како се однесуваат, бидејќи на Македонците и на останатите граѓани во Македонија им е дојдено веќе преку глава да бидат граѓани од втор ред. И таков тип на барања можат да ги задржат само во сопствените редови за храбрење и мотивација на сопственото членство, рече Мицкоски.
Секретатор на ДУИ Артан Груби вчера на прес-конференција истакна дека ДУИ изборната кампања ќе ја започне со промотивна конвенција на кандидатите за пратеници во Преспа, што ќе се одржи во среда со почеток од 13.00 на отворено, додека кампањата ќе ја заврши во Охрид исто така со собир на отворено.
-Причината за овој избор е ветувањето на ДУИ дека ќе биде гарантот на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство, бидејќи овие документи и процеси се темел на нашата заедничка држава и на нашата евроатлантска определба. Ова е и основната агенда на првиот премиер Албанец, целосна интеграција во ЕУ и потполна рамноправност во сите сфери: економија, правда, работни места, квалитет на живот и др, рече Груби.