Комисијата за заштита на конкуренцијата започна анализа на новововедениот режим за користење на зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот аеродром Скопје, каде што бесплатниот престој до 10 минути е ограничен на еден влез со исто возило во период од 24 часа.
Од Комисијата велат дека ќе се проверува дали ваквото правило може да влијае врз условите на конкуренција, особено имајќи ги предвид различните услови под кои работат такси-превозниците и фактот што на аеродромот постои посебно овластен такси-оператор.
„Анализата ќе има за цел да утврди дали воспоставениот режим, имајќи ги предвид условите под кои работат различните такси-превозници и постоењето на посебно овластен аеродромски такси-оператор, може да влијае врз условите на конкуренција и пристапот до аеродромската инфраструктура“, соопштија од Комисијата.
Ќе се испитува и дали ограничувањето е оправдано и пропорционално, какво е неговото реално влијание врз такси-превозниците и дали сите учесници на пазарот имаат еднаков и недискриминаторски пристап до аеродромската инфраструктура.
Од Комисијата нагласуваат дека во оваа фаза не утврдуваат дека постои прекршување на правилата за конкуренција.
„По прибирањето и анализата на сите релевантни информации, Комисијата ќе донесе соодветен заклучок за понатамошното постапување“, велат од таму.
Новото правило за „Hug & Fly“ практично значи дека едно возило може само еднаш во 24 часа бесплатно да ја користи зоната до 10 минути, што е особено важно за такси-превозниците кои во текот на денот повеќепати доаѓаат на аеродромот.