Пратеникот од Битола Горан Милевски од ЛДП ќе биде идниот министер за локална самоуправа. Информацијата не е потврдена од Владата, но неофицијално се дознава дека во реконструкцијата на кабинетот на Заев, ова решение веќе било договорено.
Пратеникот и претседател на ЛДП, Милевски, нити ја потврдува ниту демантира веста дека ќе стане министер за локална самоуправа на местото на Сухејл Фазлиу од НДП.
Доколку Милески стане министер, ЛДП ќе остане со пратеник помалку во парламентот, со оглед дека во собранието ќе влезе Цветкоска од редовите на СДСМ, која е следна на пратеничката листа на коалицијата предводена на социјалдемократите во петтата изборна единица, од која впрочем беше избран Милевски за пратеник на парламентарните избори во 2016 година.
Реконструкцијата која ја најави премиерот според најавите, треба да опфати 8 министри, како и заменици министри, државни секретари и 20 тина директори на јавни претпријатија. Премиерот кажа дека до крајот на следната недела ќе бидат соопштение имињата на разрешениете, но и на новите министри и директори.