Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ алармира дека континуираното палење на депонијата Вардариште претставува сериозна закана за здравјето на граѓаните и за животната средина. Во своето обраќање до јавноста тие истакнуваат дека секојдневното загадување со штетни гасови, чад и канцерогени честички ја загрозува почвата, водата и воздухот во Скопје и пошироко.
„Граѓаните кои живеат во близина на депонијата, како и сите жители на градот, се изложени на директни штетни последици. Медицински лица постојано предупредуваат дека најпогодени се децата,“ стои во соопштението, во кое се потенцира дека проблемот е долгогодишен, но во последните месеци достигнал алармантни размери.
Од иницијативата упатуваат конкретни барања до надлежните институции: итно гаснење на активните пожари, постојано физичко обезбедување од МВР или АРМ, поставување ограда околу целата депонија, поставување камери – вклучително и термални – со јавен пристап 24/7, како и итно обезбедување средства од локалните и централните власти за санација и затворање на Вардариште според еколошки стандарди.
Дополнително, тие бараат формирање независна комисија за утврдување на причините за палењата и одговорноста, како и целосна реформа на системот за управување со отпад преку воведување на концептот „нула отпад“.
Во соопштението се потсетува дека уште од 2014 година се проценува дека на локацијата се депонирани околу 2.500.000 м³ отпад, без прецизно познавање на неговиот состав. Се наведува дека, покрај комунален, таму е складиран и индустриски отпад, а анализите од 2013/2014 година покажувале сериозно загадување, особено на подземните води.
„Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови,“ порачуваат од „Стоп за Вардариште“.
Иницијативата повикува медиуми, граѓански организации и сите совесни граѓани да се приклучат во вршењето притисок врз институциите за конечно решавање на овој долгогодишен проблем. „Доста е! Вардариште не смее повеќе да гори!“
За денеска во закажаа прес-конференција во 18:30 часот на раскрсницата кај паркот Авионче во Аеродром.