Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против суспендираниот обвинител Мустафа Хајрулахи, кого го товари за пет кривични дела – малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службената положба и овластување. Според Обвинителството, во периодот од септември 2023 до октомври 2024 година, Хајрулахи како виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје вршел континуирано психичко насилство и закани кон пет вработени жени.
„Користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека „ќе ги дигнел на клоци“, „ќе ги фрлел од 6-ти кат“, „ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки“. Дел ги навредувал дека „му го грделе обвинителството“ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени.. Потоа, повторно користејќи ја неговата надреденост во службата, побарал од сите вработени кои не биле потписници на писменото барање за преземање на итни мерки, да напишат своерачни изјави во кои ќе го опишат „каков е тој како шеф“. Како резултат на ваквото деградирачко и понижувачко однесување, една од вработените се разболела и добила анксиозно растројство. Со цел да ја заштити постапката и жртвите, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетените“, велат од Обвинителството.
Обвинителството наведува дека Хајрулахи незаконски заверувал и заведувал документи со приемен печат на ВЈО Скопје, иако тие имале личен карактер. Дополнително, заедно со уште еден јавен обвинител е обвинет дека како соизвршител сторил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, со што се повредени правата на странки во повеќе постапки.