На Универзитетската клиника за ортопедија е реализирана најсложената трансплантација досега, со што се поместени границите на современата ортопедска хирургија во Македонија, информира Министерството за здравство.
Пациент на возраст од 64 години, со втор рецидив на миксоиден липосарком на левата натколеница, бил подложен на ресекција на средишниот дел од бутната коска, потоа на реконструкција со графт од кадавер и на фиксација со клин.
Интервенцијата се одвивала во два акта. Во вториот дел била изведена пластична реконструкција под раководство на др. Томислав Јовановски. Првиот хируршки тим го водел проф. д-р Милан Самарџиски, со учество на спец. д-р Бојан Будиќ, др. Теодора Тодорова и др. Гоце Гулески. За анестезија била задолжена проф. д-р Јасминка Нанчева, заедно со анестетичарот Јована Илиева. Во тимот биле и инструментарките Ерзен Муртезани и Татјана Дукадиновска, болничарот Дардан Синани и рендген техничарот Силвана Станковска.
Министерството нагласува дека со овој оперативен зафат се воспоставува нова референтна точка во домашната ортопедија и уште еднаш се потврдуваат капацитетите на македонските хируршки тимови за изведување интервенции од највисок степен на сложеност.