Во Собранието денеска ќе се бираат двајца нови членови на Комисијата за Агенцијата за електронски медиуми, каде пријавени се седум кандидати. Дел од нив се познати на јавноста, шест од нив досега биле поврзувани со политичките партии, а има и такви кандидати кои извршувале функции во рамки на партиите. Меѓу пријавените има и новинар, кој е дипломиран софтверски инженер.

Со ДУИ се поврзуваат двајца кандидати, од кои Фикрет Зенуни е член на оваа партија и бил кандидат за претседател на партискиот огранок во Врапчиште, од каде потекнува. Од образование, тој е дипломломирал бизнис и админситрација. Вториот кандидат е Арбнор Рушити дипломиран инженер по информатика, кој работи на Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје. На профилот на Рушити има бројни споделени од него, а објавени од функционери на ДУИ, како и од Али Ахмети.
Втор мандат, бара и Ервин Реџепагиќ. Тој е дел од политичката партија ДОМ, која е дел од владејачкото мнозинство. За неговата поврзаност сведочи и медиумска објава, според која, тој бил дел од партиска делегација која ја претставувала ДОМ.

Кандидат за член на Комисијата во АЕК е и новинарот Кристијан Ландов. Собранието објави дека тој е дипломиран софтверски инженер. Неговото име не се врзува за ниту една партија.

Со СДСМ, се врзуваат тројца кандидати. Адвокатот Стевица Јосифовски кој е досегашен претседател на Комисијата, бара втор мандат. Тој беше правен застапник на СДСМ. На листата е и името на уште еден адвокат, Мирослав Вујиќ. Познат на јавноста како адвокат на експремиерот Зоран Заев, беше член на Бордот на „Телеком“, а е и екскандидат за градоначалник во Центар на СДСМ. Пријавен за член на Комисијата на АЕК е и Владимир Станивуковиќ, советникот на СДСМ во Карпош, моментално е помошник директор во АД за стопанисување со станбен и деловен простор.

Кандидатите треба да исполнуваат неколку услови за да можат да се пријават и да бидат избрани за членови на Комисијата. Меѓудругото, условите се да имаат факултетско образование од областа на информатиката, телекомуникациите, правото или економијата и најмалку пет години соодветно работно искуство и посебни знаења од областа на електронските комуникации.
Законот предвидува дека во текот на времетраењето на својот мандат членовите на Комисијата не можат да бидат пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на Владата на Република Македонија, како и лица кои извршуваат должности во органите и телата на политички партии, како и да бидат вработени во оператори.