Советот на Општина Кисела Вода денеска работел под притисок и, како што тврди претседателката на Советот, Светлана Колариќ, во услови на провокации и недолично однесување од страна на советникот Петар од Левица.
Колариќ во објава на социјалните мрежи наведува дека на седницата имало навреди и недолични зборови, провокации кон градоначалничката и останатите советници, како и покажување со прст и закани.
Таа тврди дека советникот упатувал закани поврзани со децата на градоначалничката, а во еден момент ѝ се приближил до говорницата, покажувајќи со прст и, како што наведува, упатувајќи закани кон неа.
„Кога стана и ми пријде со прст и закана, секако, се исплашив и побарав обезбедување“, пишува Колариќ.
Според неа, по кратката пауза на седницата било објавено кратко видео во кое советникот се претставува како жртва. Колариќ ова го оценува како обид за превртување на улогите и го поврзува со концептот „DARVO“ – негирање, напад и превртување на улогите на жртва и сторител.
Претседателката на Советот на Општина Кисела Вода ги критикува и политиките на Левица, за кои вели дека потсетуваат на „Шарената револуција“.
На крајот, Колариќ изразува жалење за советникот, но и за граѓаните кои, како што наведува, му ја дале довербата да ги застапува во Советот на Општина Кисела Вода.