Повторното полнење на истото пластично шише со вода за многумина е практично и економично решение, но лекарите предупредуваат дека амбалажата за еднократна употреба не е наменета за долготрајно користење.
Според експертите, не е проблем ако шишето се наполни уште неколкупати во текот на краток период, под услов да е чисто и да не било изложено на високи температури. Сепак, неговото користење со денови без редовно миење може да претставува ризик за здравјето.
Најголемата опасност доаѓа од бактериите кои брзо се размножуваат во внатрешноста на шишето, особено ако се пие директно од него. При секое голткање, микроорганизми од усната празнина навлегуваат во водата, а доколку шишето не се мие или стои на топло место, тие лесно се размножуваат.
Освен хигиената, проблем претставува и абењето на пластиката. Со секојдневно стискање на шишето и постојано отворање и затворање на капачето, на пластиката се создаваат ситни оштетувања и микропукнатини.
Токму овие промени овозможуваат полесно задржување на нечистотии и бактерии, но и ослободување на честички микропластика кои можат да завршат во водата што ја пиете.
Поради тоа, лекарите препорачуваат пластичните шишиња за еднократна употреба да не се користат подолг временски период, туку редовно да се заменуваат или да се користат садови наменети за повеќекратна употреба.