Комисијата за заштита на конкуренцијата соопшти дека конечниот извештај на Државниот завод за ревизија се однесува на работењето во текот на 2024 година, односно на периодот кога институцијата функционирала со претходниот состав.
Оттаму наведуваат дека актуелниот состав, по преземањето на функцијата, затекнал сериозни институционални и организациски проблеми, вклучително и голем број нерешени предмети, од кои дел датирале уште од 2017 година, како и нефункционална Комисија за одлучување по прекршоци.
Според Комисијата, денес институцијата работи со целосно екипирани стручни служби и функционална комисија, што овозможува поефикасно постапување. Како доказ за тоа ги посочуваат резултатите во прекршочните постапки.
Во 2024 година биле донесени три решенија со изречени глоби во износ од 1,9 милиони денари, додека во 2025 година се донесени 31 решение со глоби во вкупен износ од над 56 милиони денари. Во истиот период, по основа на правосилни и извршни решенија, биле наплатени повеќе од 110 милиони денари.
Од Комисијата додаваат дека активно постапуваат по препораките од ревизорскиот извештај со цел подобрување на финансиското управување, сметководствената евиденција, јавните набавки и внатрешните контролни механизми.
Во соопштението се наведува и дека Европската комисија во рамките на оценувањето на Реформската агенда констатирала значителен напредок во спроведувањето на политиките за заштита на конкуренцијата и во зајакнувањето на институционалните капацитети.