Ексградоначалникот на Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски вели дека наместо да се следат глобалните трендови и да се оди напред, Македонија се повеќе тоне.
„Реториката полна со омраза и поделби стана наше секојдневие. Заканите и реваншизмот се веќе редовен декор на политичката сцена и навлегоа во секоја пора од нашето општество.
Постојаното заплашување и потребата за одмазда водат кон целосен колапс на системот. Наместо да ги следиме глобалните трендови и да одиме напред, нашата држава тоне сѐ подлабоко во сите сфери. А, за жал, политичките субјекти не покажуваат волја да ја подобрат состојбата. Нивната крајна неконструктивност не само што не носи никаков успех, туку рапидно го уништува сето она што макотрпно и со голема посветеност беше создавано со години наназад“, пишува Коневски на социјалните мрежи.
Според него, не може да се очекува иднина од генерција која е поделена поради политичките чинители.
„Треба да сфатиме дека ние сме ментори и учители на новите генерации. Она што ќе им го покажеме денес, тие тоа ќе го демонстрираат и градат утре. А, каква иднина да очекуваме од нив кога денешницата ни е толку поделена и контаминирана заради постапките и реториката на главните политички чинители? Од срце посакувам да завладеат конструктивноста и позитивната енергија со која ќе ги задржиме младите генерации во Македонија. Но, за тоа ќе мора да ја напуштиме досегашната матрица и да зачекориме по еден нов пат. Секој поединец е важен. Најголемата одмазда е кога нема одмазда, туку кога се граби напред и кога се создаваат нови успеси“, додава Коневски во статусот.