Вообичаените конзерванси што се користат во голем број индустриски прехранбени производи за уништување бактерии и мувла се поврзани со 29 отсто поголем ризик од висок крвен притисок и 16 отсто поголем ризик од срцев и мозочен удар, покажува нова француска студија.
Истражувањето, во кое биле следени повеќе од 112.000 лица, утврдило дека осум различни конзерванси се поврзани со појава на покачен крвен притисок. Според научниците, дури и таканаречените „природни“ антиоксидативни конзерванси, како лимонската и аскорбинската киселина (витамин Ц), биле поврзани со 22 отсто поголем ризик од хипертензија кај луѓето што консумирале повеќе храна со вакви состојки.
Главната авторка на студијата, Матилд Тувје од Францускиот национален институт за здравје и медицински истражувања, посочила дека аскорбинската киселина, која природно се наоѓа во овошјето и зеленчукот, не е исто што и онаа што се додава како адитив во храната.
„Аскорбинската киселина што природно постои во храната и таа што се додава како адитив, а може и хемиски да се произведе, може различно да влијаат врз здравјето“, навела Тувје.
Студијата, објавена во списанието European Heart Journal, анализирала 58 конзерванси, а детално биле испитани 17 што ги користеле најмалку 10 проценти од учесниците. Меѓу конзервансите поврзани со висок крвен притисок се калиум сорбат, калиум метабисулфит и натриум нитрит, кои често се користат во вино, пекарски производи, сирења, сокови и преработено месо, како сланина и сувомесни производи.
Научниците предупредуваат дека не станува збор само за ултрапреработена храна, бидејќи конзервансите денес се присутни во многу различни производи. Авторите препорачуваат поголем внес на свежа и минимално преработена храна, како и користење замрзнати производи што се конзервираат со ниска температура наместо со адитиви.
Истражувањето исто така покажало дека дел од истите конзерванси се поврзани и со зголемен ризик од рак и дијабетес тип 2. Сепак, експертите нагласуваат дека студијата е опсервациска и не докажува директна причинско-последична врска, туку укажува на сериозни сигнали што бараат дополнителни истражувања.