Уставните измени остануваат услов за продолжување на евроинтегративниот процес на Македонија, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во изјава за Бугарската национална телевизија.
Кос истовремено упати порака до бугарската влада дека, откако Македонија ќе ги спроведе уставните измени, очекува Софија да даде поддршка за продолжување на европскиот пат на земјата.
„Владата на Македонија мора да го исполни своето ветување. Таа треба да го измени својот Устав, што беше договорено меѓу Македонија и 27-те земји членки на Европската Унија. Откако тоа ќе се реализира, ќе сметам на поддршката од вашата земја за да продолжиме напред и со Македонија“, изјави Кос.
Според Димитар Николовски од „Евротинк“, ставот на Европската Унија за уставните измени е повеќепати потврден. Тој посочува дека во следниот период останува да се види дали ќе има нови патокази или дополнителни гаранции за процесот.
„Самата промена на Уставот е тука сигурна дека ќе мора да се случи доколку сакаме да продолжиме по европскиот пат“, вели Николовски.
Во меѓувреме, Европската Унија отвора нова можност за поблиска институционална соработка со Канада, откако беше предложено таа да стане прв асоцијативен член на Унијата.
Канадскиот премиер Марк Карни ја поздрави идејата и пред Европскиот парламент порача дека Канада и Европската Унија се „посилни заедно“. Тој додаде дека, според анкети, големо мнозинство Канаѓани поддржуваат поблиски врски со Европа.
Предлогот за асоцијативно членство на Канада го отвора и прашањето дали ваков модел би можел во иднина да биде разгледуван и за Македонија доколку земјата остане блокирана на патот кон полноправно членство.
Николовски, сепак, посочува дека Македонија и Канада не се во иста позиција, бидејќи Канада не е земја кандидат за членство. Според него, идејата покажува дека ЕУ разгледува пофлексибилни модели на поврзување со други држави, но евентуалниот модел за Македонија би зависел од пошироките политички случувања и од нејзината стратешка определба за полноправно членство.
Во однос на најавените нови патокази за дел од земјите кандидати кои напредуваат во преговорите, Николовски оценува дека процесот на проширување сè повеќе се движи кон разликување меѓу земјите според нивниот напредок.
Според него, државите што напредуваат добиваат појасна перспектива и временска рамка, додека Македонија останува блокирана, што, како што вели, создава ризик за нејзината идна европска интеграција доколку процесот не се придвижи.