Корисниците на прелистувачот Chrome наскоро би можеле да останат без дел од најпопуларните алатки за блокирање реклами, откако Google ќе ја заврши транзицијата кон новата архитектура за екстензии.
Компанијата уште од 2018 година работи на преминот од стариот систем Manifest V2 (MV2) кон поновиот Manifest V3 (MV3), техничка рамка што го определува начинот на кој функционираат екстензиите во Chrome. Меѓу погодените се и некои од најкористените блокатори на реклами, како uBlock Origin, кои веќе извесен период постепено ја губат поддршката.
Според најавите, со објавувањето на Chrome 150, чија стабилна верзија се очекува на 30 јуни 2026 година, ќе биде отстранета и последната можност за користење ад-блокери базирани на старата архитектура. Веќе во јули, со доаѓањето на Chrome 151, од изворниот код целосно ќе бидат избришани сите преостанати елементи поврзани со Manifest V2.
Тоа значи дека корисниците на Chrome повеќе нема да можат да ги користат екстензиите што зависат од стариот систем.
Google официјално наведува дека промените се воведуваат поради подобрување на безбедноста и намалување на техничката сложеност. Според измените во кодот на Chromium, MV2 екстензиите повеќе нема да бидат дозволени во поддржаните верзии на прелистувачот, бидејќи нивното одржување носи дополнителни ризици и предизвици.
Сепак, дел од корисниците и експертите посочуваат дека Google најголемиот дел од приходите ги остварува токму од огласување, па затоа сметаат дека вистинските причини за овие промени се комбинација од безбедносни и деловни интереси.
За оние што не сакаат да се откажат од поефикасното блокирање реклами, како најизвесна алтернатива се наметнуваат прелистувачите Firefox и Brave, кои веќе потврдија дека ќе продолжат да поддржуваат MV2 екстензии и во иднина.