Авторот на култната емисија „Јади бурек“, Јанко Илковски, соопшти дека шоуто престанува да се емитува и дека сценографијата е ставена на продажба. Во објава што предизвика големо внимание на социјалните мрежи, Илковски откри дека по повеќе од две децении во медиумите – нема осигурување, ниту доволно стаж за пензија.
„Имам само пет години стаж. Никогаш ниедна телевизија не ме вработила. А оние што ме вработиле – не плаќале придонеси“, напиша тој, додавајќи дека цел живот работел како хонорарец, без социјална сигурност.
Илковски објави дека целата сценографија од студиото на ТВ Сонце е достапна за продажба: панели, позадина, голема маса, стаклена маса и полица – но не и столиците. Сè се презема лично од студиото, а цената, како што посочува, е „колку побргу, толку поевтино“.
„Ако никој не ја земе, ќе си ја соберам дома – ама тогаш цената ќе биде многу повисока, поради транспортни трошоци“, пишува тој.
Што се однесува до ТВ Сонце, Илковски вели дека не е надлежен да открива што се случува таму:
„Никогаш не бев вработен таму, вечен хонорарец. Немам никаква потреба да објаснувам за судбината на телевизијата.“
Во објавата додава и дека моментално нема интерес од друга телевизија да ја преземе емисијата, а нема ниту услови за самостоен стриминг – нема спонзори, а моделот „pay-per-view“, вели тој, не може да покрие ниту сметка за интернет.