СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против две физички и едно правно лице од општина Струмица поради сомнение за повеќе кривични дела, меѓу кои даночно затајување, лихварство и перење пари и други приноси од казниво дело.
Според МВР, првопријавеното правно лице се товари за даночно затајување, додека второпријавената, во својство на управител на компанијата, е пријавена за истото кривично дело. Третопријавениот, кој според пријавата имал директна или индиректна управувачка и контролна улога во фирмата и бил потписник на нејзините банкарски сметки, се товари и за лихварство и перење пари.
МВР наведува дека пријавените, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, во 2025 година прикажале помала даночна основа за данокот на добивка за 13.981.844 денари. На овој износ, како што се наведува, не бил пресметан и уплатен данок на добивка од 1.398.184 денари.
Дополнително, биле утврдени и обврски за данок на личен доход во износ од 563.989 денари. Со тоа, според пријавата, државниот буџет бил оштетен за вкупно 1.962.173 денари.
Третопријавениот, според МВР, давал парични позајмици на правни и физички лица и притоа договарал несразмерна имотна корист. Во еден од наведените случаи, за позајмица од околу 200.000 евра, наводно барал по 2.500 евра месечно, при што ја искористувал тешката состојба на лицето на кое му ги давал средствата.
Според пријавата, за наплата на побарувањата преку извршител биле блокирани сметки и спроведувана присилна наплата сè додека не биле исплатени бараните камати.
МВР наведува и дека на 31 мај 2018 година, третопријавениот во филијала на деловна банка во Струмица во готовина уплатил 500.000 евра, за кои, според наводите, не можел да докаже потекло.
Обвинителството се сомнева дека овие средства биле нелегално стекнати и дека потоа биле внесувани во легалните парични текови преку орочени депозити, давање позајмици, плаќање комуналии поврзани со изградба на објекти и склучување купопродажни договори.
При претрес во домот на третопријавениот во април 2026 година биле пронајдени и одземени 597.500 евра. Според МВР, постојат основи за сомневање дека и овие средства биле стекнати со казниво дело.
Како доказ за потеклото на парите, пријавениот пред органите на прогонот ги приложил документите за уплатата на 500.000 евра од 2018 година, како и тврдења за дополнителна семејна заштеда.
Сепак, според дополнителните проверки и анализи наведени од МВР, приходите на третопријавениот и на членовите на неговото потесно семејство не биле доволни за да се акумулираат наведените износи – ниту пред уплатата на 500.000 евра во 2018 година ниту до моментот на одземањето на 597.500 евра во април 2026 година.
МВР наведува дека со овие дејствија третопријавениот се обидел да го прикрие потеклото на одземените средства, за кои, според досегашните проверки, немал докази за законско потекло.