Две лица се убиени, а шестмина се ранети во пукање што гледа вчера вечерта пред црквата „Исус Христос на светците од последните денови“ во Солт Лејк Сити, каде во тој момент се одржувала комеморација. Од шесте ранети, тројца се во критична состојба, потврди локалната полиција, пренесува „Солт Лејк Трибјун“.
Состојбата на останатите три повредени лица засега не е позната, бидејќи до болниците биле пренесени со приватни возила, изјави портпаролот на полицијата Глен Милс. Сите жртви се возрасни лица. Пукањето се случило околу 19:30 часот пред црковниот објект на улицата „Редвуд Роуд“.
Напаѓачот или напаѓачите побегнале од местото на настанот, изјави началникот на полицијата на Солт Лејк Сити, Брајан Ред, додавајќи дека до доцна вечерта никој не бил уапсен. Тој потврди дека сите осум жртви биле застрелани пред црквата и дека полицијата не смета дека станува збор за случаен напад, но ниту за напад насочен против верската заедница.
Истражителите ги прегледуваат снимките од надзорните камери од околните објекти и читачите на регистарски таблички. Неколку лица биле приведени на информативен разговор, но ниту едно од нив засега нема статус на осомничен.
„Ги следиме сите дојави и траги“, изјави Ред. „Нашите службеници работат посветено и ќе работат сè додека овие лица не бидат изведени пред лицето на правдата“, додаде тој. Улицата „Редвуд Роуд“ била затворена за сообраќај до доцна во ноќта, а граѓаните биле замолени да го избегнуваат подрачјето.
Црквата во која се случил нападот најчесто ја посетуваат верници со потекло од Тонга.
Градоначалничката на Солт Лејк Сити, Ерин Менденхол, остро го осуди нападот на прес-конференција. „Ова никогаш не смеело да се случи“, изјави таа.
Се огласи и Црквата на Исус Христос на светците од последните денови. Портпаролот Сам Пенрод потврди дека црквата е „свесна за сериозниот инцидент“, дека целосно соработува со полицијата и им се заблагодарува на итните служби за нивниот ангажман.
„Се молиме за сите погодени од оваа трагедија и изразуваме длабока загриженост што било кој свет простор наменет за богослужба бил изложен на насилство од каков било вид“, се наведува во соопштението на црквата.
Во сојузната држава Јута живее голема заедница на пацифички островјани, која според пописот од 2020 година брои околу 60.000 луѓе, од кои дури 39 проценти се Тонганци. Во округот Солт Лејк тие сочинуваат околу 2,4 проценти од населението.
По пукањето, на блискиот паркинг се собрале дваесетина вознемирени граѓани кои чекале нови информации, додека полицијата го обезбедувала подрачјето. На местото на настанот пристигнале и американски маршали кои се нашле во близина, но не се вклучени во истрагата.