Манувањето на имињата на улиците во Скопје крена голема прашина. од една страна оние кои го подржуват овој потег на Град Скопје, а од друга оние кои не се сложуваат.
На оваа тема допис испратија и од Културно просветното друштво „Вардар“. Тие во дописот впишуваат:
Ние од Културно просветното друштво „Вардар“ со неверување ја проследивме последната објава на Градоначалникот на Скопје, господинот Петре Шилегов за преименување на дел од улиците во нашиот главен град. Како друштво кое за своја цел го има промовирањето и зачувувањето на македонската историја ние сме згрозени од ваквиот чин кој што е дел од градењето на колективното сеќавање на еден народ.
Имено, градоначалникот најави дека улиците „Аминта Трети“, „Петре Пирузе“, „Јордан Мијалков“, „Борис Сарафов“ и „Филип Втори“ ќе бидат преименувани, односно ќе се врати нивното старо име од пред неколку години. По редослед тоа би биле имињата: „Ленинова“, „Мексичка“, „Железничка“, „4ти Јули“ и „Стив Наумов“. Потег кој според градоначалникот ќе му го „врати идентитетот на Скопје“. Идентитетот на Скопје ќе го врати со тргање на еден од најголемите борци за ослободување и автономија на Македонија – Борис Сарафов, кој според врвниот познавач на историјата, се вратил од мрвтите 14 години по својата смрт за да го убие Ѓорче Петров.
Очигледно е дека господинот Шилегов не сака да знае какво значење има именувањето на улиците во градењето на едно колективно минато и каква порака праќа со тоа. Борис Сарафов не може, но Владимир Илич Ленин е добредојден.Човекот кој беше главен началник на Илинденското востание не може, водачот на „црвениот терор“ во СССР може.
Што е најсмешно и најтрагично, Борис Сарафов улицата сега ќе се вика 4-ти Јули, но не е тоа тој 4ти Јули на кои што сите вие мислите. Улицата е всушност именувана по денот на партизаните, државниот празник на СФРЈ „Денот на борците“. Петре Шилегов му го врати идентитетот на Скопје со улици на државни празници од држава која што веќе е 30 години мртва и комунистички диктатори со крв од милиони невини на своите раце и кои немаат никаква заслуга за Македонија. Тоа што ја прави целата ситауција толку пожалосна е што се враќа името на улица крстена според празникот на борците на НОБ, а се тргна името на Петре Пирузе, првоборец, политички затвореник поради својата борба за обединета Македонија во рамките на една поголема Балканска Федерација.
Очигледно е дека се работи за чисто реваншистички потег со кој се сака само да се поништат потезите на преходната власт. Ние немаме ништо против преименување на улици, но тоа треба да е добро обмислен потег кој што ќе има за цел градење и зацврстување на колективното сеќавање. Ајде кога веќе враќаме стари имиња и идентитети, зошто не го вратиме плоштадот да е „Маршал Тито“ или во знак на пријателство со Бугарија да го вратиме уште постарото име „Цар Борис III“? Велес да си го вратиме да си биде Титов. Нема смисла, нели?
Ние не сме согласни ниту со антиквизацијата на претходната власт која што закачи имиња на античките владетели на Македонија со што сакаше да се зацврсти една бајка и илузија за некаков си континуитет од антиката до денес, но ни вашиот потег не е ништо подобар. Наместо да се сменат имињата и да се направи една рокада каде што заслужните за Македонија и Пирузе и Сарафов би добиле свои улици како што ги доликува, а Ленин и 4ти Јули да отидат во заслужен заборав, вие не вративте повторно во Југославија.
П.С Кој ли ќе им ги менува личните карти на илјадници граѓани чии што адреси повеќе не се валидни, прашуваат во својот допис од Културно просветното друштво „Вардар“
фото: Архива