Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и уште едно лице од општинскиот кризен штаб, ќе добијат парична казна затоа што покрај изречената мерка за изолација тргнале да се тестираат во Скопје. Тие смееле да го напуштат домот исклучиво при влошено здравје и по потреба да се транспортираат до инфективно одделение. Инспекторите кои при вонреден надзор ја провериле патеката на движење на Димитриевски утврдиле дека тој добил упат од општата кумановска болница за ренген на белите дробови и за лабораториски анализи во Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Директорка на ДСЗИ, Иринка Сотирова Бухова, вели дека првото тестирање на 12-ти април било изведено во зградата на општината како скрининг без дозвола од министерот за здравство како што стои во законот. Вината лежи во епидемиолошката служба во Куманово, твдри Бухова.
„Направен е прекршок непостапување по решение, односно истите го напуштаат местото на престој. Тоа е казниво, ќе се изрече прекршок по Закон за заштита на население од заразни болести, истото изнесува парична казна од 300 до 600 евра во денарска противвредност. Вториот прекршок што е нотиран е неправилна евиденција во службата за итна медицинска помош. Таму секако како и за постапување на докторите од Инфективното одделение во Куманово веќе е во тек вонреден стручен надзор“, рече Бухова .
Кумановскиот градоначалник и покрај негативниот резултат на приватните клиники, не може да биде заведен како излекуван пациент поради преуранетите тестирања.
„Брисевите се земани во просториите на општина Куманово, што е сосема спротивно од протоколите. Брисеви на лица со индикација исклучиво се земаат во простории на овластениот центар за јавно за здравје. Досега имаме два прекршока дека брисевите се земени како скрининг без епдемиолошка анкета шо е спротивно на член 27 од Закон за заразни болести кој вика скрининг не може да се изведе без дозвола од министер. Вториот прекршок е нотиран заради земање на брисеви во несадекватен простор. Секој пункт мора да добие претходно дозвола од министерството за здравство“, вели Бухова.
фото: Архива