Зад симпатичните дизајни и привидно невините играчки што ги обожаваат децата, често стојат сериозни маркетиншки механизми и бизниси вредни милијарди евра. Еден од најновите глобални феномени – куклите Labubu – е совршен пример за тоа.
Овие мали фигурички не се само играчки. Тие се дел од прецизно осмислена стратегија за продажба, заснована на концептот на „слепа кутија“ – купувачот не знае која верзија ја добива сè додека не ја отвори. Таа неизвесност буди возбуда, адреналин, а кај децата – и силна емоционална поврзаност.
Психологот Мулиќ Чорбо вели дека ваквите трендови не се нови. „Кога јас бев девојче, Барби куклите беа апсолутен хит. Имавме само една или две, но вредеа многу. Се собираа деца околу нив, се создаваше заедништво. И Labubu е слична приказна – кукла, приврзок и симбол на споделена игра“, објаснува таа.
Но зад таа „споделена игра“, вели таа, стои агресивен маркетинг. „Важно е што играчката пренесува. Луѓето се поврзуваат со пораки, симболи, стилови. Дури и возрасните реагираат на тоа што ги ангажира емоционално“, додава Чорбо.
Професорот Касим Татиќ пак, посочува на уште подлабоката игра: „Ова се маркетинг трикови со прецизна цел – да се стимулира побарувачката и да се создаде социјален притисок. Кога сите купуваат нешто, и ти чувствуваш дека треба.“
Според него, „психологијата на мистеријата“ игра клучна улога – фактот дека не знаеш што точно купуваш ги тера луѓето да се навраќаат, да собираат, да трошат повеќе.
Цената на една кукла Labubu варира од 20 до 30 долари, но за ограничени изданија – цената експлодира. На eBay некои примероци достигнуваат и до 7.000 долари. На платформата StockX, моделите направени во соработка со брендот Vans се продаваат и по над 3.000 долари.
Тоа што почнува како „слатка играчка“ за дете, често завршува како колекционерска манија за цело семејство.
Мулиќ Чорбо апелира до родителите да не дозволат маркетингот да ја преземе улогата на воспитувач.
„Купувањето секогаш е избор што носи вредносна порака. Како родители, мора да зборуваме со децата – зошто сакаат одредена играчка, што таа претставува, и дали зад тоа се крие нешто што можеме заеднички да разбереме.“
Таа потсетува дека децата се во фаза кога силно тежнеат кон припадност и уникатност, а ваквите трендови умешно ја користат таа потреба. „Но, токму затоа мора да им помогнеме да го разберат светот зад пакувањето.“