Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска на прес-конференција изнесе обвинувања за сопругата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во врска со нејзиниот ангажман во програмата „Еразмус+“.
„Сопругата на Димитар Апасиев, која земала пари од владата на СДС преку програмата Еразмус+, лажела за својот ангажман на настанот во Грција за кој земала пари,“ изјави Лефков.
Тој посочи дека во својата биографија Тамара Јованов Апасиева навела дека на овој настан во Грција била „лектор и учесник“, но, како што рече, официјалните документи покажуваат друго – дека таа била само учесник, а не и лектор.
„Зошто сопругата на Апасиев имала потреба да лаже во својата биографија, и да си препише работи кои не ги правела?“ праша Лефков.
Тој додаде дека останува нејасно дали ова било направено за да се земат повеќе средства или за, како што рече, „неосновано да се збогати биографијата“.
„Димитар Апасиев, кој се претставува за јак правник, треба да каже дали тоа што неговата сопруга лажела во својата биографија е фалсификат или измама,“ изјави Лефков.
Тој праша и што сè, според него, може да лажат Апасиев и неговата сопруга ако, како што вели, лажат дури и во една биографија.
„Како може народот да му верува на Апасиев, кој пред камери едно зборува, а зад камери трупал европски пари од СДС во џеб?“ изјави Лефков.