Промените на стапалата, како што се оток, чувство на студ, болка или промени на ноктите, можат да бидат ран знак за различни здравствени состојби – од нарушена циркулација и недостаток на витамини до посериозни заболувања, предупредуваат лекарите.
Специјалистката по подијатрија Ема Меконаки од Кралскиот колеџ за подијатрија во Велика Британија за „The Times“ истакнува дека повеќето проблеми со стапалата се безопасни и лесно се лекуваат, но дека секоја промена во нивниот изглед, функција или чувствителност не треба да се занемарува.
„Секој треба редовно да ги прегледува своите стапала. Болката, непријатноста или каква било промена можат да бидат првиот знак дека во организмот се случува нешто посериозно“, вели Меконаки.
Отечени стапала најчесто се појавуваат поради летните горештини, бременост, прекумерен внес на сол или долго седење и стоење. Но, ако отокот е изразен, болен или не исчезнува неколку дена, може да укажува на проблеми со срцето, бубрезите, црниот дроб или со циркулацијата.
Задебелени, пожолтени или нокти со ситни вдлабнатини можат да бидат знак за псоријаза на ноктите, која често погрешно се смета за габична инфекција. Оваа состојба може да биде и ран показател за псоријатичен артритис.
Ненадејна и силна болка во палецот на стапалото може да укажува на гихт – воспалително заболување предизвикано од зголемено ниво на урична киселина. Доколку болката е хронична и е најсилна наутро, можно е да станува збор за артритис на зглобот на палецот.
Трнење на прстите најчесто е последица на притисок врз нервите или тесни обувки, но ако се повторува, може да биде поврзано со Мортонов невром, синдром на тарзалниот тунел или недостаток на витамин Б12.
Постојано студени стапала, дури и во лето, можат да бидат симптом на Рејноов синдром или на намалена функција на тироидната жлезда, состојби кои доведуваат до нарушена циркулација.
Лекарите советуваат секоја необична или долготрајна промена на стапалата да не се игнорира, туку навреме да се побара лекарски совет, бидејќи раното откривање на причината може да биде клучно за успешно лекување.