Левица ги оствари проектираните цели на локалните избори освојувајќи советнички места во триесетина општини, рече на завршната прес-конференција претседателот на партијата, Димитар Апасиев. Споредувајќи ги резултите од локалните избори пред четири години, кога Левица освои тројца советница, Апасиев посочи дека партијата може да слави затоа што има 15 пати подобар скор од тие избори и четирикратен раст во однос на ланските парламентарни избори.
„Влегуваме со повеќе советници во Скопје и во сите скопски општини. Ќе имаме свои советници во Битола, Велес, Богданци, Гевгелија, Делчево, Кавадарци, Куманово, Неготино а наши претставници ќе бидат членови и на Советите на Охрид, Прилеп, Свети Николе, Тетово, Штип, Кочани, Македонски Брод, Струга, Илинден и во Росоман. Што се однесува до нашите кандидати за градоначалници, тие секаде се трети и не влегуваат во вториот круг. Ние како партија и раководство ќе правиме анализи каде потфрливме, но општ е впечатокот дека левичарското движење има нагорна тенденција“, рече Апасиев.
„Хибридниот режим на Заев е на завршеток и тоа е добро како политика на ниво на држава. Останува вториот круг и ќе видиме какви ќе бидат тенденциите, меѓутоа мислам дека опозициските тенденции се евидентни и дека е можно одржување на предвремени парламентарни избори после овие избори затоа што Заев е веќе дел од буништето од историјата“, рече Апасиев.
„Тоа значи дека ќе почекаме да не викнат на преговори. Не исклучуваме преговори, но формални коалиции не верувам дека ќе има. Сепак, партиското раководство, Президиумот е тој што ќе ја донесе одлуката. Во меѓувреме ќе свикаме седница на Централниот комитет на која ќе треба да ги испегламе сите овие прашања и ќе го определиме курсот на нашето натамошно делување. Но, евидентно е опозициското настроение на народот и мислам дека тој курс ќе го држиме“, подвлече Апасиев.