Целосната неспособност и игнорантскиот однос на министерката за образование Весна Јаневска ги оставија без превоз средношколците од Ресен на самиот почеток на учебната година, обвини денеска Левица.
Од партијата посочуваат дека учениците од Ресен се извисени поради негрижата на Министерството за образование и наука (МОН) и за нив не е обезбеден организиран превоз до Битола и Охрид. Единствената „алтернатива“ што ја нуди државата е сместување во интернат, кој според Левица има нехумани услови, под секое достоинство.
Средношколците биле принудени да аплицираат за прием во интернатот, при што морале да ги исполнат строгите критериуми за оценки и месечни приходи. Според правилата на МОН, само доколку бидат одбиени, добиваат право на надоместок за превоз – иако автобуски линии воопшто нема. Дел од учениците одбиле да живеат во интернат поради, како што велат, ужасните услови, меѓу кои и недостиг на вода.
„Со оваа политика, власта на ДПМНЕ практично ги казнува учениците што сакаат да се образуваат, ги става родителите под финансиски притисок и испраќа јасна порака дека образованието е привилегија за малкумина, а не право за сите“, стои во соопштението.
Од Левица додаваат дека наместо безбедни и достапни услови за образование, младите кои сè уште не се иселиле од земјава се принудени или сами да патуваат со сопствен трошок или да живеат во средина опасна по нивното здравје и достоинство.
Покрај тоа, партијата го прозва и градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, кој, како што велат, наместо да молчи пред „срамот на неговата партија“, е должен во најбрз рок да обезбеди превоз за учениците.
„Со оваа политика, каде владејачката елита штеди на образованието на младите, додека расипнички троши за свои привилегии – власта на ДПМНЕ им праќа порака на младите што побрзо да се иселат од држава која не се грижи за нивната иднина,“ наведува Левица.