Четириесет и шестгодишниот тренер по џудо од Прилеп, кој се сомничи за полови злоупотреби на малолетнички што му биле ученички, бил на дисциплинска постапка од Македонската џудо-федерација за злоупотреба на официјални документи.
„Во врска со последните случувања поврзани со обвинувањата за малтретирање малолетнички од тренер по џудо, згрозени сме од информациите во јавноста и очекуваме брзо разрешување на случајот. Веруваме дека истрагата целосно ќе го расветли случајот за што како Федерација целосно сме им на располагање на истражните органи.
Посочениот тренер одамна не е член на Федерацијата и уште минатата година беше дел од дисциплинска постапка поради злоупотреба на официјален документ испратен од Светската џудо-федерација, како и поради прекршување и непочитување на Статутот и други мерки и протоколи. Поради оваа дисциплинска постапка, одземена му е лиценцата за тренер по џудо и исфрлен е од Џудо-федерацијата на Македонија за што официјално беа известени сите надлежни институции вклучувајќи ја и Агенцијата за млади и спорт“, информираат од Федерацијата.