Либерално-демократската младина (ЛиДеМ) преку соопштение обвинува дека Владата не го усогласува износот на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата, иако тоа е предвидено со Законот за субвенциониран студентски оброк.
Од ЛиДеМ посочуваат дека студентскиот оброк и натаму изнесува 140 денари дневно, иако цените на храната во изминатиот период значително пораснале. Според нив, член 2 од законот предвидува износот да се усогласува со инфлациската стапка по секоја фискална година, пред донесувањето на Буџетот за следната година.
Последното зголемување на студентскиот оброк било во 2023 година, кога износот од 120 бил зголемен на 140 денари. Оттогаш, велат од ЛиДеМ, цените продолжиле да растат, додека средствата што студентите ги добиваат за оброк останале непроменети.
„Државата ја признава инфлацијата кога собира повеќе пари преку даноци и повисоки цени, но ја заборава кога треба да им даде повеќе на студентите“, велат од ЛиДеМ.
Оттаму додаваат дека со 140 денари дневно студентите тешко можат да обезбедат пристоен оброк, имајќи ги предвид актуелните цени во маркетите, пекарниците и мензите.
ЛиДеМ најавува дека ќе ги искористи расположливите правни и институционални механизми за да побара одговор зошто законската одредба за усогласување на оброкот не се спроведува доследно и кој треба да понесе одговорност.
„Ова не е борба за неколку десетици денари. Ова е прашање дали во Македонија законот важи и за Владата“, наведуваат од ЛиДеМ.
Од младинската организација порачуваат дека студентите не бараат луксуз, туку поддршка што ќе одговара на реалните трошоци во 2026 година, додавајќи дека доколку растат цените, треба да расте и износот на студентскиот оброк.