Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата рече дека ќе направи уште еден обид да го убеди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да дојде на лидерската средба закажана за в петок.
„Лидерската средба останува, се надевам ќе биде присутен Христијан Мицкоски. Очекувам да се појави, бидејќи тоа е негова одговорност. Ние може да седнеме да разговараме, не мора да се договориме. Но, што треба да направиме, да го одложиме пописот уште десет години? Пописот ѝтреба на државата како леб, за секакви политики“, рече Заев.
Во врска со инсистирањето на Мицкоски за предвремени парламентарни избори, Заев вели дека треба прво да се разговара за Изборниот законик.
„Вели предвремени избори, човеку дај за Изборен законик да се договориме прво. Не го сфаќам, не гледал причина. Еве бара предвремени избори, дојди за Изборен законик да разговараме. Немам намера да исполнувам желба за предвремени избори иако знам дека ќе победам. Но, не сакам да наштетам на економските перспективи на државата“, изјави Заев.
Заев додаде дека мора лидерите да седнат да разговараат за пописот, бидејќи истиот не може да се одложи за уште десет години.
– Треба да седнеме и да ги заокружиме сите евентуални резерви што некои ги има за да го гарантираме успешниот процес на попис. Пописот и треба на државата како леб. И треба за економските параметри, за следна фаза на децентрализација, за рамномерната распределба по регионите, за секаков вид здравствени и образовни политики, не случајно на десет години цел свет прави попис. И не знам кој е аргументот да избегнете вакво прашање, рече Заев.