Новинарката и директорка на Телма, Снежана Лупевска Созен, со емотивна порака се прости од директорот на телевизија Алсат, Лирим Хајредини, истакнувајќи дека за неа тој не бил само колега, туку и искрен пријател.
„Болката е голема и непремостлива. Лирим ми беше не само колега, како директор на Алсат, туку и искрен пријател. Конструктивен, смирен и секогаш со добар совет“, напиша Лупевска Созен.
Таа посочи дека ќе ѝ недостига неговиот препознатлив начин на комуникација и поглед кон случувањата.
„Ќе ми недостига неговиот специфичен хумор и иронија со која често знаеше да ги коментира случувањата околу нас“, додаде таа.
Според Лупевска Созен, Хајредини оставил значаен белег во новинарството и медиумската професија.
„Остави голем белег во професијата, заложник за правда и подобар медиумски простор. Сочувство до семејството. Се надевам дека одгоре ќе нè бодри и понатаму“, напиша директорката на Телма.