„Претрес“ на Бранко Героски: Моќта, новинарството и линијата што се преминува
whT3mom746w

м-р Катерина Василеска: Секој поминат ден без промена на системот во образованието, ќе има фатални последици врз сите други сектори

Скопје1.мк's avatar
Автор: Скопје1.мк

објавено пред 5 години -

Македонија
kate

Интервју со м-р Катерина Василеска, кандидат на листа на пратеници за ИЕ 5

— реклама —

Катерина Василеска – Магистер по човекови права и демократија и социјална претприемачка од Охрид. Покрај Македонија, се има образувано на специјалистички обуки за родова еднаквост, одржливо управување, проектно менаџирање и лидерство и во Босна, Италија, Косово, Хрватска, САД, Израел, Холандија, Франција, Германија. Во истите земји, има остварено соработка и континуирана размена на успешни пракси со многу организации и експерти во разни области. Создавач на: уникатен модел за лидерство за млади и Лидерската академија за девојки (Best Practice Awards in Education 2015 – Soroptimist International of Europe), практичен курс за екологија за средношколци  „Посвојте парк“– Best State Alumni Innovation Project 2012), еколошки образовни тури околу Охридското езеро, активист е во неколку локални граѓански иницијативи во Охрид и Струга, ко-основач на општествено одговорна организација за промоција на автентични туристички искуства од Македонија и Албанија.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

— реклама —

м-р Катерина Василеска: Одбрав да живеам во Македонија и да не се преселам иако имав многу можности. Завршив политички науки, бидејќи отсекогаш сакав да се вклучам во осмислувањето на јавни политики особено во сегментот на одржливо управување. После многубројни обиди (околу 50-тина проекти) да направам позитивни промени преку граѓанскиот сектор, сфатив дека за долгорочни и стратешки промени, неизбежно е да се стапи на политичката сцена. Бидејќи политиките на досегашните најголеми партии немаа добри резултати, единствен избор ми беше некоја трета опција. Храброста со која г-дин Богојески настапуваше во последниве години, неговата искреност и самокритичност ми влеаја доверба. Ги следев и анализирав сите објави и луѓето кои се вклучени во Македонски Концепт, и заклучив дека тоа е мојата опција, за некого трета, но според мене прва и најдобра.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

м-р Катерина Василеска: Да. Припаѓам на „неопределените“ кои не се обоиле со водечките политички партии. Сум била поддржувач на третите опции како „Левица“ на почетоците и симпатизер на сите граѓански движења кои се обидувале да донесат позитивни промени во Македонија. Сум била и дел од многу иницијативи и проекти кои имале за цел да ги подобрат условите во образованието, екологијата, туризмот – што иако е вон официјалните канали на политиката, го сметам за мој независен политички ангажман.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

м-р Катерина Василеска: Политичките партии треба да престанат да се однесуваат како биро за вработување на своите членови. Администрацијата, училиштата, болниците, министерствата после секои избори се полнат со несоодветни партиски кадри кои со својата нестручност и големи „врски“ го блокираат нормалниот проток на сите секојдневни услуги од кои ние граѓаните зависиме.

Истовремено, најспособните кадри, гледајќи го сето ова, непрекинато заминуваат од Македонија. Со тоа ги губиме токму оние, кои можат да ја трансформираат оваа тажна состојба, чии жртви се граѓаните, децата, болните, ранливите категории.

Во оваа насока пресудно би било на државни работни места да се вработат најспособните, врз основа на компетентност, без разлика дали или на која партија припаѓаат. Секако важно е да се има мерливост на резултатите и годишни проверки на работата на сите оние кои се платени со пари од буџетот.

Позициите на пратеници, советници, градоначалници треба да се позиции каде ќе има место за оние граѓани кои се докажале како искусни, успешни и сакаат да го споделат своето знаење на ниво на цела држава. Овие позиции треба да се нормално платени и нема потреба од имунитети и бенефиции, бидејќи ги подразбирам како позиции за јавно препознавање и уважување на најдобрите граѓани кои освен за себе, сакаат и знаат како да придонесат за целата држава.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

м-р Катерина Василеска: Неопходни се брзи и ефикасни реформи буквално во сите сектори, а најитно би рекла во банкарскиот, енергетскиот и земјоделскиот сектор. Тоа е за да имаме пристап до ефтини пари да се раздвижи стопанството, одржлива енергија и храна што е неопходно за да можеме како држава да сме колку толку само-одржливи и со голем праг на еластичност во вонредни состојби како на пример оваа со Корона кризата.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

м-р Катерина Василеска: Стручност пред партиска припадност. Либерализација на банкарскиот сектор. Проверка на имотот на сите функционери 30 години наназад и конфискација каде ќе се утврди нечесно стекнат имот.

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

м-р Катерина Василеска: 15 годишно искуство како предавач и креатор на програми во неформалното образование, со стотици учесници на моите обуки. Најдобрите македонски предавачи-учители се вон формалното образование, бидејќи сите знаеме како се влегува на работа во државните училишта и факултетите. Тоа е тажно, има фатални последици, но овој процес не смее да продолжи. Учителите мора да се најкомпетентните, вистински посветените и веќе докажаните во својата сфера.

Педагошки факултет треба е престиж и таму да има место само за најдобрите. Сметам дека животните вештини треба да се дел од формалното образование, а не нешто попатно како сега. Секој поминат ден без промена во на системот образованието, ќе има фатални последици врз сите други сектори.

Одржливиот туризам е мојата втора омилена тема – доаѓам од Охрид, работам како водич скоро две децении и ги сведочам негативните последици од масовниот и ефтин туризам кој го промени ликот на мојот прекрасен град.

Важно ми е да си ја зачуваме Македонија убава и природна, и да фатиме чекор со модерните трендови на одржлив туризам. Да престанеме да се нудиме како ефтина дестинација за масовен туризам! Охрид, Струга, Ресен, Дебрца и сите прекрасни села, градови, планини во Македонија заслужуваат многу повеќе од епитет „ефтини“.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

м-р Катерина Василеска: За квалитетни, способни и чесни луѓе – граѓани на Македонија, да бидат ангажирани во сите процеси, независно од нивната партиска определеност, етничка припадност, возраст. За создавање на јавни политики и носење одлуки во консултација со стручни лица, а не со партиски претставници. Да не измислуваме топла вода, сѐ е одамна измислено – туку стручните луѓе да дадат насоки на кој начин да го адаптираме и примениме она што функционирало кај други. За да си ги вратиме најспособните кои ни заминаа разочарани – сакам да им ја вратиме вербата во Македонија и да посакаат да ни помогнат на нас кои останавме, со нивното искуство и контакти од други држави.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

м-р Катерина Василеска: Проектите се засега единствена алатка која успешно се применува и во бизнисот и во граѓанскиот сектор. Преку проектите на еден јасен и лесно следлив начин – една идеја се трансформира во конкретен логичен редослед на активности кои даваат мерливи резултати. Дури и ако некој проект е неуспешен, многу лесно може да се пронајде каде бил проблемот и брзо да се реагира. Современите концепти за проекти се многу адаптибилни и лесно менливи, ако е потребно. И најважно од сѐ, имаат поставени индикатори и во секој момент се знае до каде е проектот. А долгорочните стратегии и класични партиски програми кои се како колекција на желби, се полесни за манипулација, и барем јас не сум видела некој да поднесува отчет за сработеното. Проектите се кратки, јасни, ефикасни или не – сѐ тоа е многу повидливо и транспарентно. На ниво на држава, секако е неопходно – проектите во сите нивни фази, да бидат дигитално достапни на секој заинтересиран граѓанин кој сака да има увид до каде е сработено она што е ветено, а не да се чека на секои 4 години пред избори.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.

м-р Катерина Василеска: Нормална држава, со функционални институции, со стручни лица на лидерските позиции и со задоволни граѓани, кои се горди што останале тука. Со издржана социјална политика која се грижи за ранливите и немоќните. Со бизнисмени кои сакаат да инвестираат тука и знаат да ги ценат своите вработени. Со дигитализирана и ефикасна администрација. Со млади кои сакаат и ја гледаат својата иднина тука каде што се родиле. Со граѓани кои не се приморани да молат и да се понижуваат за работа по партиските штабови.

фото: Македонкси концепт

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања