Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека во текот на оваа недела е регистрирано значително зголемување на активноста на дронови во близина на украинските нуклеарни постројки, предупредувајќи дека ваквите воени дејствија носат сериозни ризици за нуклеарната безбедност.
Според податоците на Агенцијата, на 13 и 14 мај биле забележани повеќе од 160 беспилотни летала во близина на нуклеарните локации „Јужна Украина“, „Чернобил“ и „Ривне“.
Од тимовите на МААЕ на терен, засега не е евидентирано директно влијание врз нуклеарната безбедност на овие локации. Сепак, генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, изрази длабока загриженост поради воените активности во непосредна близина на нуклеарни објекти.
Гроси повторно ја нагласи потребата строго да се почитуваат „седумте основни столбови“ за обезбедување нуклеарна безбедност и заштита во услови на вооружен конфликт, посочувајќи дека секоја ескалација го зголемува ризикот од инцидент што би можел да има далекусежни последици.
Воедно, тој упати апел за максимална воздржаност, со цел да се избегне опасноста од нуклеарна несреќа.