Македонско друштво „Илинден" од Тирана, ја поддржува Резолуцијата за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Република Албанија, усвоена на третиот конгрес на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграцја (МАЕИ), одржан на 7 септември во Тирана.
„Делегатите на третиот Конгрес на МАЕИ, со изгласувањето на Резолуцијата за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Република Албанија останаа доследни на барањата за почитување на правата на Македонците во Република Албанија,за што во континуитет се залага и друштвото 'Илинден'“, стои во соопштенето на друштвото.
Во исто време, се бара МАЕИ целосно да се ангажира точките од Резолуцијата да се реализираат и ги повикува Македонците во Албанија „да ја поддржат Македонска алијанса за европска интеграција како единствен пат за остварување на правата на Македонците во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и во цела Република Албанија“.
„Овој значаен документ, содржи 27 точки во кои се наведени барања за остварување на легитимните права на Македонците, а што секако ќе ги оствариме само со тесна соработка меѓу сите нас Македонците во Република Албанија и нашите здруженија“, се посочува во соопштението.