Скопје летово беше во портокалова фаза, а термометрите покажуваа и до 45 Целзиусови степени. Ефектите од глобалното затоплување веќе се реалност и се случуваат, а тоа во иднина само ќе се влошува, пишува МИА.
Летово цела Европа беше зафатена од топлотен бран со рекордно високи температури. Во Париз беа измерени рекордни 42,6 Целзиусови степени, со што се надмина претходниот рекорд од 40,4 степени измерени пред повеќе од 70 години. Некои делови од Централна и Западна Европа имаа за десет степени повисоки дневни процеси над вообичаените температури.
Скопје до крајот на столетието може да очекува меѓу 26 и 65 жешки денови во годината
Како што светот се затоплува поради човечките активности кои влијаат на климатските промени, така поголемиот дел од жителите на Земјата може да очекуваат се повеќе топли денови со температури над 32 Целзиусови степени во иднина.
Скопје и околината во 1960 година во просек имале седум дена годишно со температура над 32 степени, а до крајот на ова столетие може да очекува меѓу 26 и 65 вакви многу жешки денови.
„Њујорк тајмс“ во статијата насловена „Колку потопол станува твојот роден град?“ пишува за влијанието на климатските промени и нуди интерактивна мапа на која може да се види како се затоплува градот во кој сте родени и колку може да очекувате да се зголемат температурите во иднина.
Жителите на Скопје и околината во 1985 година можеле да очекуваат околу седум дена во годината да достигнат до 32 Целзиусови степени, за во 1995 таа бројка да се искачи на 11 и во 2005 година на 13 денови.
Денес жителите на Скопје и околината може да очекуваат околу 16 дена со температури над 32 Целзиусови степени во текот на една календарска година, додека во 2065 година, оваа бројка според проценките на истражувањето ќе достигне до 31 ден во годината, додека проектираниот опсег е меѓу 23 и 54 денови годишно.
Проекциите прикажани во анализата, се под претпоставка дека државите ќе ја намалат емисијата на штетни гасови согласно Договорот за клима од Париз.
Најтопло било во 2007 година, измерени 45,7 степени
Најтопло лето откако се мерат температурите во земјава имало во 2007 година, кога се измерени рекордни 45,7 Целзиусови степени.
Температурниот максисмум е регистриран во Демир Капија на 24 јули 2007 година. Рекордот и за Скопје е во истиот тој ден, кога температурата се искачила до 43,3 степени. Тој ден се измерени и рекордни 45,3 степени во Гевгелија, 43,5 степени во Штип и 40,2 степени во Крива Паланка.
Повеќе на Независен.мк