Според рангирањето објавено од „World of Statistics“, Македонија е на првото место во светот според процентот на пушачи меѓу возрасното население. Податоците, кои страницата ги пренесува повикувајќи се на „World Population Review“, покажуваат дека 39,5 отсто од населението постаро од 15 години во земјава пуши цигари.
Со овој удел Македонија се наоѓа пред сите останати земји опфатени во листата. На второто место е Тимор со 38,2 отсто пушачи, а потоа следуваат Либан со 37,2 отсто и Бугарија и Србија со по 35,8 отсто.
Црна Гора е на следната позиција со 33,6 отсто, додека Хрватска има удел од 32 отсто пушачи.
Меѓу земјите со висок процент се и Индонезија и Турција, со по 30 отсто, додека Франција е исто така на 30 отсто. Во Унгарија, според истото рангирање, пушат 28 отсто од возрасните.
Шпанија се наоѓа на 18. место со 25 отсто.
Рангирањето е објавено во мај годинава и се однесува на населението постаро од 15 години.