Вирусот се шири многу побрзо отколку свеста за опасноста од него. Сфатете ја состојбата сериозно, сугерира наша сограѓанка која две децении живее во Италија. Не ги правете грешките што ги направивме овде. Ве молам сфатете ја состојбата сериозно, останете дома и почитувајте ги препораките на здравствените власти, бидејќи вирусот многу брзо се шири, препорачува Македонката Б.Т. која 23 години со семејството живее во италијанскиот град Римини, објави Дојче веле.
Таа во разговор за Дојче веле ги сподели искуствата и грешките кои ги увиделе дури откако епидемијата зеде замав.
„И покрај препораките на Владата, овде заканата од вирусот во почетокот не беше сфатена сериозно од граѓаните. Луѓето се движеа во ресторани, во шопинг молови, не запре омиленото играње тенис на плажа, парковите беа преполни... Иако угостителските објекти беа затворени во сабота и недела заради спречување поголема фреквенција на гости, сепак, до неодамна работеа од понеделник до петок од 6 до 18 часот, и граѓаните не се откажаа од излегување во ресторани. Тоа беше грешка. Ве молам, не ја повторувајте нашата грешка. Се‘ треба да се блокира. Вирусот многу брзо се шири и ние се уверивме во тоа, но задоцнето. Непоходно е максимално самоограничување во движењето“, препорачува таа.
Таа уште еднаш потенцира дека самоизолацијата е најбитна.
„Грешките што ги направивме овде во изминатиот период сега стануваат видливи. Ако до пред три-четири дена во градов имаше симболичен број на заболени, еден до двајца, таа бројка за три дена нагло порасна на околу 240. Синоќа градоначалникот на социјалните мрежи објави дека за 24 часа бројката „експлодирала“ со 67 нови заболени и стигнала до 312. Затоа велам, не ја повторувајте нашата грешка. Останете дома, заборавете на рестораните, кафулињата, парковите, продавниците... Вирусот се шири многу побрзо отколку свеста за опасноста од него“, предупредува нашата сограѓанка, во изјава за Дојче веле.
фото: The Daily Beast