Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција истакна дека сите македонски државјани кои викендов се вакцинираа во Србија ќе се ревакцинираат во земјава.
– Конкретно за вакцината на „АстраЗенека“, нашиот експертски тим ја презема препораката за ревакцинацијата да се случи за три месеци. Оваа препорака е само за вакцините на „АстраЗенека“, додека, пак, за другите вакцини е препорачано ревакцинацијата да се случи по две недели. Утрово разговарав со српскиот колега Лончар и побарав од него да ми даде список од наши граѓани кои се вакцинирале во Србија. Тие што се вакцинирале таму, планирано е да се ревакцинираат дома. Апсолутно ќе имаме доволно дози за ревакцинација. Ги уверувам граѓаните дека сите вакцини се проверени и безбедни – рече Филипче.
На новинарско прашање дали е точно дека министри од Владата се вакцинирале преку ред, министерот нагласи дека тоа се лажни вести.
-Ниту еден министер во Владата не е вакциниран. Тоа го тврдам, и жал ми е што покрај со пандемијата, мораме да се бориме и со лажните вести на ВМРО ДПМНЕ.