Иако, во Македонија веќе една деценија е дозволено законски оплодување со донатор на сперма, се чини темата сѐ уште е табу и за неа не се говори доволно. А, цената за ваков вид услуги се движи од 500 до 1.500 евра. Но, колку жените кај нас ја користат оваа законска можност?
Имам 40 години и неколку неуспешни долги врски зад себе. Како одминуваат годините, сѐ почесто почнав да размислувам дека тешко ќе најдам некој што ми одговара со кого би основала семејство. Би сакала да имам дете. Не знам каква е постапката за да бидам оплодена со донатор на сперма и колку тоа чини. Семејството и пријателите ме поддржуваат. Но, ми велат да размислам дали можам сама да го одгледувам детето. Ме советуваат да се распрашам кои се мажите кои донираат сперма, односно, да не случајно некој од нив боледува од некаква болест. Се работи за животно прашање и одлуката не е лесна. Безброј прашања ми минуваат низ глава, но желбата да родам е сѐ посилна и мислам дека нема да погрешам, ни вели Маја од Скопје, која е немажена, а сака да роди дете.
Како до бебе без партнер? Ова прашање си го поставуваат многу како Маја, кои мајчинството не успеале да го реализираат во една класична семејна заедница, да го пронајдат животниот сопатник и да создадат семејство.
Донатори од Данска и Шпанија
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се врши оплодување со спрема на донатор и за таа цел потребна е нотарска изјава и психолошко советување. По добиената документација се поднесува барање до Државната комисија за биомедицинско потпомогнато оплодување во Министерството за здравство.
„Целата постапка од моментот на доаѓање на барателот во нашата болница, добивање на потребната документација и набавка на биолошкиот материјал од банката за сперма трае од 2 недели до месец дена“, вели доктор Слободан Лазаревски, шеф на центарот за ИВФ во „Аџибадем Систина“.
Тој информира дека во „Аџибадем Систина“ има интерес од жени кои сакаат да добијат дете без партнер со помош на асистирана репродукција.
„Најчесто се жени од Србија, Босна и Херцеговина, Косово, како и од западно европските земји, бидејќи кај нив законот за биомедицинско потпомогнато оплодување е поригорозен и е забрането да се направи ин витро доколку немаат партнер“, вели доктор Лазаревски.
Во Македонија, иако законски е предвидено, сѐ уште нема банка за спрема. А Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го увезува биолошки материјал од реномирана банка за сперма од Данска.
„Примероците од донаторите се високо квалитетни и испитани од инфекции и наследни болести. Пациентката има право да си одбере материјал според физички карактеристики. И се дава каталог од банката каде има фотографија од донаторот кога бил дете. Цената за оваа услуга е различна и зависи од физичките карактеристики на донаторот“, вели доктор Лазаревски.