Маја Стаменковска, сопруга на Марјан Стаменковски, уапсениот сопственик на „Доказ М“ кој е во притвор, се жали дека врз него се врши тортура во истражниот затвор во Шутка. Таа за „Макфакс“ посочува дека директорот на затворот му упатувал закани, додека, во поплака испратена до директорот Филип Андов, посочува дека управата и вработени го правеле тоа. Стаменковска посочува дека во затворот се изживуваат со нејзиниот сопруг.
„Го преместуваат од една во друга соба, без некоја причина. Мирен си е човекот, не прави никакви проблеми. Во притвор е, нели… Му се заканува директорот цело време, оди кај него во соба и му вели: ‘Ќе видиш што ќе ти се случи’.. Не му ги даваат лековите, облеката, јадењето што ќе му однесам. Едноставно се изживуваат со него. Го ставиле со наркоман во соба. Нема потреба од тоа. Вознемирена сум многу“, вели Стаменковска за „Макфакс“.
Директорот на истражниот затвор „Скопје“, Филип Андов негира било какви закани и тортура.