Децата оставени во автомобилот времено одземени од родителите, какви мерки би можело да се очекуваат? Наташа Сердаревиќ - од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ говореше за „Канал 5“.
„Родителската негрижа и занемарување на децата е појава што загрижува и опоменува. Згрозени сме од настанот што се случи вчера кога две малолетни деца беа оставени сами, заклучени во затворен автомобил и на високи летни температури. До пред некое време мислевме дека ова се случува само во некои други земји, но очигледно Македонија не е веќе исклучок. Во светот постојат редовни медицински и медиумски предупредувања, децата да не се оставаат во автомобил додека ,,завршувате нешто” – бидејќи за многу кратко време топлината во автомобилот може да стане опасна по живот. Ваквите предупредувања изостануваат во наши околности. Скоро секоја година сме сведоци на немили настани каде малолетно лице настадало од вакви причини. Бараме одговорност од надлежните институции да ја утврдат родителската негрижа и преземат соодветни мерки за остварување на квалитетно родителско право за чување, воспитување и грижа за децата“, вели Наташа Сердаревиќ од „Меѓаши“.
Оттаму се децидни дека родителската одговорност е подеднаква независно од тоа дали децата живеат со родители или пак со родители кои остваруваат родителско право на видување.
„Македонија како демократска земја со демократски приниципи на уредување, ги почитува правата на човекот и слободи и според Конвенцијата за заштита на правата на детето е обврзана да презема неопходни мерки за заштита на детето од сите форми на злоупотреба, дискриминација и запоставување од страна на родител или законски старател. Во рамките на нашето законодавство, треба да се почитуваат начелата кои гарантираат сигурно и безбедно детство и грижа за правата на детето. Сигурната иднината и безбедност на децата во земјава треба биде едно од главните начела за владеење на правото и воспоставување на демократски принципи и начини на реулирање на законите“, додава Сердаревиќ од „Меѓаши“.