Петнаесет отсто од девојчињата во Македонија користат весници наместо хигиенски влошки за време на менструалниот циклус, поради високата цена на средствата за лична хигиена, покажа истражувањето на здружението Новинари за промена и Институтот за јавно здравје. Истражувањето било направено лани во април и мај, во Скопје, Велес и Куманово, со 800 испитаници, на возраст од 14-45 години, објави sdk.mk.
Македонија се наоѓа високо на листата на земји кои не успеваат да управуваат со менструалната хигиена, вели Наташа Доковска од Новинари за промена.
„Во Македонија нема ниту едно основно училиште или средно училиште во кое тоалетите се адаптирани за управување со менструална хигиена. Во Македонија 90 отсто од ученичките во руралните средини не одат на училиште 4 до 5 дена кога имаат месечен циклус, додека 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат 2 до 3 дена поради истите причини. Истражувањето покажа дека 19 отсто од девојчињата воопшто не купуваат никакви средства“, вели Доковска.