Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по лидерската средба во Владата изјави дека биле запознаени со мерките што државата ги презема за спречување на ширењето на коронавирусот. Не станало збор за одложување на изборите, но кажа дека е извесно оти изборната кампања ќе се адаптира на актуелните услови заради коронавирусот и ќе се води на алтернативни начини, преку социјалните мрежи и мас медиумите.
- Она што го разговаравме е сега да имаме преадаптирање на предизборната кампања, на поинакви начини да се води таа предизборна кампања. Така што немаше разговор на таа тема за евентуално одложување на изборите, истакна Мицкоски.
На прашањето како ќе се води, Мицкоски истакна:
-Епа очигледно ќе имаме алтернативен начин на водење на кампања. Па имаме начини преку социјалните медиуми, преку мас медиумите, така натаму. Од врата на врата, поинаков начин, поинаков пристап, итн, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ.
На прашањето пак дали дека големите митинзи ќе бидат откажани, Мицкоски истакна:
-Па, во овој момент препораките од Владата е да нема собирање. Односно не се препораки, сега веќе тоа од препорака прерасна во забрана. Така што од прилика тука се се сведува, тоа не зависи дали ние политичките партии и како ќе го водиме. Тоа едноставно е забрана која што има определена одговорност. Така да треба да ги почитувате законите во оваа држава, не може да делувате волунтеристички. Се додека постои забрана, ќе нема ни митинзи, истакна Мицкоски.
фото: Архива