Аферата „Рекет“ е најголемата корупциска афера и според сведочењата на луѓе кои биле околу таа група луѓе кои денеска се осомничени, знаат дека тие не се тие кои го напишале сценариото и го операционализирале. Не може овие тројца луѓе - притвореничката Катица Јанева, Бојан Јовановски, и Зоран Милевски тоа да го направат без согласност на некој многу моќен политички човек, вели претседателот на ВМРО- ДПМНЕ во интервју за весникот ВЕЧЕР. Лидерот на најголемата опозициска партија зборува за предвремените избори и за можните коалиции, за Преспанскиот договор, за аферата Рекет, за пописот и за други актуелни теми.
Вечер: „Не“ за антиквизација и „не“ за севернизација, туку за големо „да“ за враќање на македонизмот во Македонија“ е концептот на вашата партија. Најавувате обнова на Македонија, а поминаа само три години откако претходно 10 години бевте на власт. Преродбата беше во 100 чекори, колку и какви чекори се потребни за обновата?
Христијан Мицкоски: Чувствувам дека општеството го загуби сопствениот идентитет, се одеше од крајност во крајност и тоа, според мене, е голем проблем. Талкајќи по идентитетот од една во друга крајност го изгубивме вистинското-македонизмот, што ни е всушност сврзното ткиво. И тоа во иднина ќе биде доктрината на ВМРО-ДПМНЕ, да се завртиме кон самите себе и да се вратиме на нашите корени кои почнуваат токму тука, во Македонија. Обновата е неопходна по пустошот и пљачката кои што зад себе ќе ги остави Зоран Заев и Владата на СДСМ. Еве, по три години, јас денес не можам да издвојам нешто што можам да кажам еве – ова што го направија е навистина добро, имаме само понижувања, омаловажувања и примитивизми од типот на „мало сутра“. А ние политичарите треба да сме пример, особено за младите луѓе за тоа како да се однесуваат, како да се изразуваат. Слушајќи го Зоран Заев, денес луѓето се разочарани од она што го слушаат – тотално безидеен, слушаат за тепсијата со баклавата и наидуваат на примитивизам кој ги разочарува младите граѓани и одлучуваат да ги спакуваат куферите и да заминат од нашата држава. Ете затоа ни е потребна обнова, а не затоа што ние сме опозиција, па се бориме за пуста власт и привилегии. Сигурен сум дека граѓаните може да ја почувствуваат разликата во првите три години од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ 2006-2009 и овие три години откако на власт е СДСМ 2016-2019 година. Особено сум загрижен по информациите за предлог-буџетот за 2020 година и политиките кои планираат во предизборието да ги спроведат од тој предлог буџет, не гледам никаква логика-напротив од сиромашна држава сакаат да направат што посиромашна држава. Сакам да ги убедам граѓаните, иако е голем предизвик и не е лесно, дека не се сите исти и дека ние ќе успееме во Обновата за Македонија.
Вечер:Ако обезбедите мнозинство во Собранието, по изборите во април најавувате чекор наназад во врска со Преспанскиот договор. Дали се реални очекувањата дека нешто може да се смени и да се поништи Договорот од Преспа. И Мицотакис најавуваше дека ќе го поништи Преспанскиот договор, но кога дојде на власт омекна по ова прашање.
Христијан Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ никогаш не учествуваше во овој процес на носење на тој договор, ВМРО-ДПМНЕ не беше дел од тој срамен процес на притисок на пратеници, ВМРО-ДПМНЕ не го поддржуваше и до ден-денес тврдиме дека Преспанскиот договор е штетен за националните интереси на македонскиот народ. Имаме две опции, едната е чекор назад, односно две третини во рамките на парламентот, или 80 пратеници кои би гласале за чекор назад. Втората опција што ни стои на располагање е многу работа, засукување ракави, многу реформи, Македонија на брза лента и Македонија во европското семејство и однатре да се обидуваме да ги менуваме работите. Она што е важно е тоа што ниту овој Договор, ниту кој било друг Договор на Македонците може да им забрани да се наречат Македонци, кои говорат македонски јазик и се од Македонија.
Вечер: Зошто не сакате една изборна единица? Не сметате ли дека ваков чекор ќе претставува вистинска обнова на Македонија и ќе се овозможи рестартирање и освежување на политичката сцена од ексклузивитетот на двете партии во македонскиот и албанскиот блок?
Христијан Мицкоски: Разговорите за една изборна единица се неискрени кон гласачите, затоа што се јасни препораките на ОБСЕ и ОДИХР дека изборен модел може да се промени најрано една година пред одржувањето на парламентарни избори, а ние сме на неколку месеци – помалку од два месеца до техничка влада, три месеци до распуштање на Собранието. Тие се исплашени и сега се обидуваат да најдат начин како да му нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ, но вистината, за жал, не е на нивна страна.
Вечер: Италијанскиот новинар не престанува со обвинувања за наводна вмешаност и на премиерот Зоран Заев во најголемата корупциска афера. Во екот на Рекет се шпекулираше дека ВМРО-ДПМНЕ ги добила снимките и дека вашата партија му ги дала на Гајсер?
Христијан Мицкоски: Не сум имал можност ниту да се запознам со Гајсер, ниту да го видам во живо. Знам дека е успешен новинар и ништо повеќе. Ние не се занимаваме со воајер политика, сакаме да се занимаваме со политика која нуди решенија за реални проблеми. Воајер политиката беше ремек-дело во времето на Зоран Заев, кога ја предводеше опозиција и пушташе нелегално стекнати материјали.
Вечер: Колку, според Вас, „Рекет“ влијаеше и ги уништи и најмалите шанси за добивање на датум за преговори?
Христијан Мицкоски: Кога ќе слушнете порака од Брисел дека Македонија испорачала резултати, испорачала тоа каде што учествуваше и опозицијата и тоа во неколку процеси. Иако се испраќаа лажни вести дека опозицијата ќе ги бојкотира претседателските избори, ние викавме дека напротив, ние ќе ве победиме. За жал, се случи тој изборен инженеринг и други објективни ограничувања кои ги имавме како опозиција. Најдобриот кандидат кој некогаш се појавил како кандидат за претседател на државата да биде поразен од потпросечен кандидат. Потоа се случи процес на конструктивна работа во рамките на Собранието, каде што ние учествувавме како опозиција и ги поддржавме реформските закони. И покрај сите напади од нашето членство дека сме пасивни, во екот на најголемите криминални и корупциски афери му дадовме шанса на целиот процес, си велиме октомври ќе дојде, можеби датум за преговори ќе го врати оптимизмот кај граѓаните, но фактите се поразителни и ние не добивме датум. Тоа не е затоа што опозицијата не испорача, тоа е поради тоа што Владата не испорача, но секој оној што не ги гледаше знаците покрај патот, го изгуби патот. Не се на прав пат, како што велат, туку на многу погрешен пат. А знаците беа многу јасни – нула толеранција за корупцијата, нула толеранција за криминалот, доста е од политички уцени, злоупотреби на законите и на Уставот, но тоа некој не успеа да го види и не успеа да го испорача.
Аферата „Рекет“ е најголемата корупциска афера и според сведочењата на луѓе кои биле околу таа група луѓе кои денеска се осомничени, знаат дека не се тие кои го напишале сценариото и го операционализирале. Не може овие тројца луѓе – притвореничката Катица Јанева, Бојан Јовановски, и Зоран Милевски тоа да го направат без согласност на некој многу моќен политички човек. Имаме директно и индиректно учество на висока политичката елита во аферата „Рекет“, но верувајте не е само „Рекет 1“, има и „Рекет 2“ , „Рекет 3“. Не се знае колку продолженија ќе има оваа афера.
Сега Зоран Заев практично игра all in со сите нас, како што беше тоа со националните интереси и со парите на граѓаните затоа што сака единствено да ја продолжи сопствената политичка кариера, затоа што мисли дека се во животот се купува со пари и дека на тој начин ќе може да тргува со поддршката на граѓаните. Тој истовремено е и исплашен човек затоа што знае дека по поразот на 12 април следува одговорност, и нема да може да се соочи со вистината со целокупниот срам и со сите лаги. Ви ветувам дека ќе има одговорност за секој оној што се огрешил пред законите и оваа игра all in повторно ќе ја изгуби, но, за жал, ќе изгуби и дел од македонското општество и граѓаните.
Вечер: Како лидер на партијата, ќе понесете ли одговорност доколку во април не формирате Влада?
Христијан Мицкоски: Ние ќе победиме и тука нема никаква дилема, но ако не формираме Влада, еве уште еднаш кажувам да – ќе понесам одговорност.
ИЗВОР: ВЕЧЕР