Во 10 часот по локално време, денеска продолжува тридневната расправа во грчкиот Парламент за гласање доверба на новата влада, откако вчера свои обраќања имаа премиерот на Грција како и лидерите на сите грчки политички партии, јави дописничката на МИА од Атина.
Од однесувањето и добрата соработка на нашите соседи ќе се оцени нивниот тек кон Европската Унија, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговиот говор на почетокот на расправата за гласање доверба на Владата, во делот посветен на нашата земја, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис, во едночасовното обраќање, кусо се задржа на грчката надворешна политика, споменувајќи ги Договорот од Преспа и односите на Грција со Турција.
-На Балканот, како што имаме кажано во неколку наврати, приоритет е да се ублажат негативните последици од спроведувањето на Договорот од Преспа. А главната точка овде е развојната програма за северна Грција, заштита на македонските производи и голема меѓународна кампања за нашата Македонија. И сакам, одново да пратам една порака во и вон Грција: од однесувањето и добрата соработка на нашите соседи ќе се оцени нивниот тек кон Европската унија, рече Мицотакис.
На ова му одговори досегашниот Грчки премиер Алексис Ципрас. Тој во делот од неговото обраќање, посветен на надворешната политика се осврна на Договорот од Преспа, ги спомена јавно изразените позиции на министерот за одбрана и алтернативниот министер за надворешни работи за време на нивното учество на конференцијата на „Економист“ и го праша Мицотакис, дали сега е добар договорот.
– Господине Мицотакис, една и пол година, Вие и вашите членови бевте протагонисти во протестите за македонското прашање. Ги прифативте радикалните кои беа на протестите и многу пати го даваа ритамот на овие протести. Многу од вашите членови не нарекуваа предавници. Некои од пратениците на СИРИЗА најдоа насилници пред нивните домови, со бомби молотов, министерот за надворешни работи најде десетици заканувачки пораки со куршуми, а вие бевте предводник во критиката за предавнички договор. Сега е добар Договорот од Преспа? Ова го вели новиот министер за одбрана новиот и министерот за европски прашања, рече Ципрас, нешто што беше поздравено со аплауз од пратениците на СИРИЗА.
Извор: МИА