Јавното претпријатие „Национални шуми“ досега регистрирало 138 шумски пожари, а според првичните проценки, до крајот на јули штетите надминале четири милиони евра. Заменик-директорот на претпријатието, Кире Михаилов, вели дека иако огнените стихии зафатиле стотици хектари шума, бројот на пожарите е во рамките на просекот од изминатите години.
„Заклучно со месец јули, штетите се движат некаде околу 4 милиони евра. Тоа е голема штета, меѓутоа во однос на она што го имавме во текот на изминатите години, сметам дека е релативно мала“, изјави Михаилов.
Тој потсети дека во 2024 година штетите од шумските пожари надминале 83 милиони евра, додека 2025 година била завршена со повеќе од 50 милиони евра штета. Најголем број шумски пожари, пак, бил регистриран во 2007 година – дури 652.
По завршувањето на летната сезона, екипите на „Национални шуми“ ќе влезат во опожарените подрачја за да направат детална проценка на состојбата. Ќе се утврдува каде е потребно расчистување на опожарената дрвна маса, а каде шумата има потенцијал за природно обновување.
Михаилов појаснува дека површината зафатена од пожар не значи автоматски дека целата шума на таа површина е уништена.
„Без разлика колкава површина ќе биде зафатена од секој пожар, тоа не значи дека таа цела површина е целосно уништена. Некаде пожарот воопшто и не зафатил, некаде бил приземен, некаде горело трева. Доколку стеблото или пак листењакот воопшто не се чепнати од пламените јазици, тогаш таа шума многу лесно ќе се самообнови“, вели Михаилов.
Според него, дел од пожарите се предизвикани намерно, но има и случаи на невнимание. Како пример го посочи пожарот кај селото Бигла во Општина Делчево, каде што изгореле повеќе од 200 хектари шума.
Михаилов смета дека затворските казни имаат одреден ефект врз лицата кои намерно предизвикуваат пожари, но нагласува дека е потребно и подигнување на свеста кај граѓаните за последиците од шумските пожари. Освен уништувањето на шумскиот фонд, пожарите придонесуваат и за загадување на воздухот, што годинава, според него, го почувствувале и жителите на Скопје.