Авантуристичкиот детски парк е поставен на атрактивна локација на Голема Ливада во националниот парк Пелистер Битола кој е во завршна фаза и се очекува да го унапреди туризмот преку проектот "Иновациите во функција на регионален развој на туризмот – Пелагонија создадена за авантура".
Носител на проектот е Центар за развој на Пелагонискиот плански регион поддржан од Министерство за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.

„Со овој авантуристички детски парк конечно ќе се збогати туристичката понуда во регионот со воведување на нови содржини за најмладите, поточно поставени се седум реквизити за детска игра и забава кои ги исполнуваат безбедносните стандарди. Токму тука ќе се овозможуваат можност за еднодневни посети и екскурзии, како и за рекреативни активности во пролет, лето и есен со што се збогатува и туристичката понуда на регионот. Проектот изнесува околу 2 милиони денари и наскоро ќе биде пуштен во употреба.“ вели Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
Милевски потоа го посети паркот за деца и лица со посебни потреби како и лица со оштетен вид кој е пуштен во употреба и содржи патека од павер елементи, партер од амортизационен синтетички под, релакс зона, реквизити за игра на деца и урбана опрема. Паркот е наменет за социјална инклузија на лицата со посебни потреби и со оштетен вид во Пелагониски регион. Изградбата чинеше 4.911.125 денари во рамките на проектот "Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој", имплементиран од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.

„Среќни сме што за Пелагонискиот регион го има првиот регионален јавен простор, поточно парк за социјална инклузија на лицата со посебни потреби и со оштетен вид токму овде во Битола. Министерството за локална самоуправа потребата од ваков парк го увиде на регионалните форуми одржани за потребите на граѓаните. Апелирам и понатаму до сите да се грижиме за овој јавен простор кој пред се е наменет да другаруваат децата“ додава Милевски.
Во работната посета со министерот Милевски беа градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која истакна дека ваквите проекти се важни за градот Битола и тие се дискутираат на форумите на заедниците, додека директорот на Центар за развој на Пелагониски плански регион Гого Видимче рече дека и понатаму ќе работат напорно да реализираат проекти кои се во интерес на граѓаните, а со нив беа и претставници од Швајцарската агенција за развој и соработка.