Синдикалната минимална кошница за септември достигна речиси 70.000 денари, што е зголемување за околу 800 денари во споредба со август, покажуваат најновите пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија.
Доколку во трошоците се пресмета и кирија за стан од 60 квадратни метри, потребниот месечен износ достигнува речиси 85.000 денари.
Најголем дел од минималните месечни трошоци отпаѓа на храната и пијалаците, за кои се потребни околу 25.000 денари. За образование се предвидени околу 7.000 денари, додека за станарина, вода, електрична енергија и греење се издвојуваат 6.379 денари.
Граѓаните имаат различни ставови за висината на трошоците. Дел сметаат дека растот на цените не е проследен со соодветен раст на платите и пензиите, додека други оценуваат дека состојбата е нормална.
Од СДСМ ја критикуваат власта и го повикуваат Собранието да го поддржи нивниот предлог за зголемување на минималната плата. Од партијата велат дека синдикалната кошница за еден месец се зголемила за речиси 1.000 денари и бараат зголемување на минималната плата.
Според ССМ, за покривање на основните трошоци за живот се потребни примања повисоки од моменталната просечна плата во државата. Синдикатот се залага минималната плата да достигне 600 евра.