Мис Јамајка, Габриел Хенри, поднела тужба против организацијата „Мис Универзум“ поради тешкиот пад на сцената за време на натпреварот во Тајланд минатата година, при што, како што тврди, добила трауматска повреда на мозокот.
Хенри, која по професија е лекарка, во понеделникот ја поднела тужбата пред суд во Делавер, речиси една година по несреќата. Таа тврди дека паднала низ необележан и незаштитен отвор на сцената за време на прелиминарниот дел од натпреварот.
Според наводите во тужбата, силното сценско осветлување ја заслепило додека се движела по сцената, по што паднала во отвор длабок околу метар и половина. Во него имало бетон и опрема за осветлување.
При падот Хенри изгубила свест и претрпела трауматска повреда на мозокот, вклучително и повеќекратни мозочни крвавења.
„Паднав во незаштитена дупка и добив трауматска повреда на мозокот, која трајно го промени текот на мојот живот. Во еден миг, прекрасниот момент се претвори во скршен сон“, изјавила Хенри.
Од ноември 2025 до март 2026 година таа престојувала во болници во Бангкок и на Јамајка. Повредите, како што наведува, ја спречиле да ја заврши специјализацијата и ја довеле во прашање нејзината кариера во офталмологијата.
„Поминав пат од студентка, преку лекарка до пациентка, а сега се обидувам повторно да продолжам напред така што ја продолжувам кариерата според приспособен распоред, со лекари кои секогаш ми се на располагање“, додала таа.
Во тужбата Хенри ги обвинува организацијата „Мис Универзум“ и тајландскиот продуцент на натпреварот „Мис Гранд Интернешнл“ за невнимание и предизвикување емоционална болка. Таа тврди дека отворот на сцената не бил соодветно обезбеден.
„Отворот не беше ограден ниту осветлен, а покрај него немаше никаков знак за предупредување“, се наведува во тужбата.
Хенри тврди и дека за време на пробите и преносот во живо немало соодветни безбедносни ознаки, иако натпреварувачките претходно изразиле загриженост.
Од организацијата „Мис Универзум“ првично соопштиле дека Хенри добила „неколку помали рани“. Неколку недели подоцна, сепак, навеле дека „сериозниот пад“ предизвикал тешки повреди и дека „без двоумење презеле целосна и непосредна одговорност“, вклучувајќи го и покривањето на медицинските трошоци.