Младиот италијански режисер Кристијано Даниеле Џампоркаро (29) го загуби животот во несреќа во морето кај Пунта Сотиле на Лампедуза, откако во него удрил гумен чамец.
Џампоркаро бил на море со својата девојка. По краткото нуркање, таа се вратила на карпите, додека тој продолжил да нурка, при што со бова го означил своето присуство во водата.
Според првичните информации, во него удриле пропелерите на гумениот чамец, во кој имало две лица. Неговото тело било извлечено од припадници на крајбрежната стража со помош на специјализирано приватно пловило.
Обвинителството веќе отворило истрага поради сомнение за предизвикување смрт од небрежност во поморска несреќа. Телото утрово го идентификувале неговите родители, кои пристигнале на островот, по што било пренесено во Порто Емпедокле. По наредба на обвинителството, во наредните денови ќе биде извршена обдукција.
Според досегашните информации, не е исклучено Џампоркаро да починал од крвавење, предизвикано од тешка повреда на раката.
Двете постари лица од Милано, кои во моментот на несреќата се наоѓале во гумениот чамец, веќе биле сослушани во Капетанијата на пристаништето, која ги утврдува сите околности на несреќата. Чамецот е во нивна сопственост и постојано е закотвен на островот, каде што брачниот пар поминува дел од одморот.
Џампоркаро бил син на Марина Кастиљоне, поранешна градска советничка во Калтанисета и професорка по лингвистика на Универзитетот во Палермо.