Младиот македонски пијанист Андреј Цековски постигна значаен меѓународен успех, освојувајќи ја првата награда на престижниот натпревар „International Youth Music Competitions“.
Цековски, кој е ученик во петто одделение во нижото музичко училиште при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, победил во категоријата „USA Classical Hobbyist“, објави „Умно.мк“.
Под менторство на професорката по пијано Марија Диманин-Богоевска, младиот пијанист се истакнал во силна конкуренција на учесници од САД, Кина, Австралија, Канада, Полска, Украина, Турција и други земји. Жирито го пофалило неговиот настап, нагласувајќи ја техничката прецизност, музикалноста и уметничката зрелост.
Како победник, Цековски добил покана во септември да отпатува во Њујорк, каде што ќе учествува на свечена церемонија за доделување на наградите и ќе настапи на концертот на победниците.
Овој успех претставува уште една потврда за квалитетот на македонското музичко образование и потенцијалот на младите уметници на меѓународната сцена.