Осамостојувањето на младите во Македонија доаѓа значително подоцна во споредба со просекот во Европската Унија. Во 2025 година, младите кај нас во просек го напуштале родителскиот дом на возраст од 30,7 години, додека просекот во ЕУ бил 26,3 години.
Податоците на Евростат покажуваат големи разлики меѓу европските земји. Најдоцна од домовите на родителите се иселуваат младите во Хрватска, со просечни 31,5 години. Во Грција и Словачка просекот е 30,9 години, додека во Шпанија и Италија е 30,2 години.
За разлика од нив, во Финска младите најрано се осамостојуваат – на 21,4 години. Следуваат Данска со 21,8 години и Естонија и Литванија со по 22,7 години.
Слична слика има и во дел од земјите од регионот. Во Србија младите во просек остануваат во родителскиот дом до 30,1 година, во Босна и Херцеговина до 29,5, а во Бугарија до 27,9 години.
Евростат посочува дека низ Европа е забележлива тенденција младите подолго да живеат со родителите, при што возраста на осамостојување е поврзана и со нивната положба на пазарот на трудот.
Во ЕУ стапката на вработеност кај лицата од 20 до 29 години во 2025 година изнесувала 65,5 проценти. Во најголем дел од земјите каде што младите порано го напуштаат родителскиот дом, вработеноста кај оваа возрасна група е над европскиот просек. Таков е случајот со Холандија, Данска, Германија и Шведска.
Од друга страна, земјите како Грција, Хрватска, Шпанија и Италија, каде што младите подоцна се осамостојуваат, имаат стапка на вработеност под просекот на ЕУ.
Во Македонија стапката на вработеност кај младите во 2025 година била 50,2 проценти.